Македонија
12. April 2017 - 15:19

Собранието ја продолжи конститутивната седница

Со реплики и процедурални забелешки на пратениците и денеска 12. ден по ред продолжи конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, на која тие треба да се изберат претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како и претседател на Законодавниот дом.

На дискусијата на пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, кој порача дека сите веќе 12 дена чекаат една реченица која треба да ја изговори лидерот на СДСМ и треба да гласи „не ја прифаќаме и ја отфрламе тиранската платформа, бидејќи во овој момент не и одговара на Република Македонија“, реплицираше неговиот сопартиец Илија Димовски, кој рече дека треба да имаме економски, социјални платформи, треба да има платформи за младите, за пензионерите.

Наместо тоа, посочи, после избори дел од политичките партии сето тоа го тргаат на страна, не ги интересираат фабрики, социјалните теми, пензионерите, младите и вадат документ и намера за редефинирање на Република Македонија, за менување на политиката околу застапеноста на јазиците, за утврдување на вистини или невистини околу некакви геноциди, за менување на името по грчки терк...

Стевананџија во контрареплика рече дека граѓаните се свесни дека нема на тутунарите нема да им помогне платформата во нивниот подобар род или повисоките субвенции, дека нема на пензионерите да им помогне ако ја прифатиме точката во платформата каде сите сите оние кои почиваат во могилата на непобедените во Прилеп ги прогласиме за луѓе кои правеле геноцид. 

- Тие сакаат една нормална, стабилна држава економски просперитетна која ќе овозможи подобар живот за нив и за идните генерации, посочи Стевананџија.

Неговиот сопартиец Крсте Мукоски ги повика пратениците на лидерство бидејќи, како што рече, сите нерешливи или отворени прашања се решаваат со меѓусебен дијалог или со компромис. 

Независниот пратеник Павле Богоевски рече дека благодарение на Шарената револуција ги откажале еднострано закажаните избори кои ги закажала ВМРО-ДПМНЕ, и избегнале демократија, како што рече, по терк на Трајко Вељаноски и засекогаш ја смениле политичката сцена во Македонија.

- Велите дека сме ги сквернавеле и уништувале државните симболи. Прво да почекаме да излезе на виделина вистината за „Скопје 2014“, па да видиме дали сквернавевме и уништувавме државни симболи..., рече Богоевски.

Стевананџија во контрареплика на говорот на Богоевски рече „синоним се свернавење сте вие“. - За мене патриотизам е да стојам мирно пред македонската химна, да ги почитувам македонските спортски херои. Не е патриотизам да ги уништувам спомениците на АСНОМ, на децата бегалци од Егејска Македонија, киното Манаки во Битола. За мене патриотизам да се чувствувам Македонец, додаде Стевананџија.

Претседавачот со седницата Трајко Вељаноски даде кратка пауза по која пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ во контрареплика  на пратеникот Стевананџија рече дека платформата нема да ги реши проблемите на Албанците.

- Треба сериозна дебата на политичките партии. За жал тој документ може да им наштети на сите етнички заедници, ќе се направи јаз во општеството. Граѓаните се посилно реагираат. Нивното достоинствено демонстрирање е за почит. Само една реченица може да реши се, рече Димков и упати апел и ги замоли пратениците од СДСМ да ја преиспитаат својата одлука.

Се надоврза пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ која рече дека по две недели дебата не успеале да дознаат што точно е договорено.

- Република Македонија е исклучително добар пример за рамноправност, непречено остварување на правичната застапеност на сите нивоа. Наместо да се концетрираме на економскиот развој, на нашиот напредок кон евроатлантските интеграции, спроведувањде на реформските приоритети, ние сме оптоварени со таен договор кој во никој случај не е во корист на државата, истакна Манаскова.

Стевананџија во контрарепилика рече дека незнае дали има сценарио, но носечката улога ја имаат граѓаните на Република Македонија. - Оваа претстава ќе заврши позитивно за Република Македонија. На крајот сите граѓани на Република Македонија ќе бидат победници во ова сценарио, додаде Стевананџија.

Владанка Авироивиќ од Социјалистичката партија на Македонија рече дека тоа не е само политичка платформа, не се успеала да се донесе на јавна дебата, за да се види што е тоа што е иритирачко и проблематично за сите луѓе кои се надвор и не успеаа да го проголтаат. Според неа, акумулираниот бес на народот е оправдан.

Пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов побара од претседавачот Трајко Вељаноски да ги опоменува тие што реплицираат, да се држат до говорот на тој што зборувал, а да не прозиваат пратенции присутни и неприсутни во собраниската сала.

Хари Локвенец од СДСМ му забележа на Вељаноски дека „во 2012 година не им дозволил да бидат опозиција, а денес не им дозволува да бидат власт. Локвенец рече дека претседавачот со седницата Трајко Вељаноски го крши членот 78 став 2 од Деловникот, и со тоа, како што наведе, дозволува со ноторни лаги и конструкции да се замајува јавноста и тоа не само сега, туку 12 години наназад.

Собраниската седницата ќе продолжи во 15 часот.