Македонија
12. May 2022 - 19:52

Со закон ќе се бара решение за скратените плати на штрајкувачите во градинките

СОНК и Министерството за труд уверуваат дека ќе се најде начин како да ги рефундираат платите на вработените во градинките, кои сега ќе ги добијат намалени поради штрајкот. Токму ова беше една од главните препреки во преговорите меѓу синдикатот и министерството, бидејќи согласно Законот и постоечкиот колективен договор, за деновите на генерален штрајк работодавачот ќе им исплати само придонеси и тоа на основица од законски пропишаниот минимум. Остатокот треба да го надомести организаторот на штрајкот, во случајов СОНК.

На денешната средба меѓу СОНК и Министерството за труд се разговараше и за покачувањето на платите во градинките, како едно од барањата поради кои се организираше генерален штрајк. Следната средба е закажана за во вторник, кога ќе се формираат работни групи за нов колективен договор.

Утре продолжуваат преговорите меѓу СОНК и Министерството за образование. Синдикатот бара покачување на платите за 18,4% и нови колективни договори. Генералниот штрајк траеше три недели, по што беше прекинат со цел да се најде решение по мирен пат со посредник. Законскиот рок во процесот на медијација истекува во среда и ако до тогаш не се најде решение повторно ќе се активира генералниот штрајк.