Македонија
9. February 2022 - 21:17

Со какви ставови патува утре за Софија делегацијата на македонското МНР?

Пет министри од Македонија и од Бугарија и експерти од министерствата за надворешни работи, утре и задутре во Софија ќе го утврдуваат напредокот во односите меѓу двете земји. На маса се нерешените политички прашања, но и можностите за подобра инфраструктура и транспорт.

Според шефот на дипломатијата Османи, во наредните два дена дипломатските експерти ќе работат на утврдување на роковник за решавање на отворените прашања, но од македонското МНР нема детали за тоа дали ќе има неформални предлози и идеи за затворање на некое од т.н пакет 4+1 прашање.

Во пресрет на средбите, евроамбасадорите и во Македонија и во Бугарија беа брифирани за последните случувања во македонско – бугарските односи. За разлика од кусото соопштение на македонското МНР, претседателот Радев по состанокот излезе со конкретен став – македонските бугари да бидат вметнати во Уставот пред Софија да даде зелено светло за почеток на преговорите – став кој не е во согласност со преговарачката позиција на македонската влада.

Премиерот Ковачевски вели дека јавноста ќе биде запознаена со секое решение кое следните два дена би го постигнале овие работни групи.

“Министерствата за надворешни работи се посветени на овие средби, ќе имаат средби на 11 и 12, ќе разговараат и работат на отворени прашања и доколку се постигне договор прифатлив за двете страни, тогаш министерот за надворешни работи ќе „Ја информирам јавноста на ист начин како што ја информирав Комисијата за надворешна политика“

Во меѓувреме, соработката се чини подобро се одвива на останатите полиња. Утре министрите Бочварски и Милевски ќе се сретнат со бугарските колеги Караџов, Сабов и Николов, а главни теми се очекува да бидат авионската линија Скопје – Софија и нејзината исплатливост, развојот на Коридорот 8, како и енергетиката.

По подолга пауза, веќе е договорен првиот лет меѓу двата главни града. Со него во петок изутрина од Софија во Скопје ќе допатуваат министрите за транспорт на двете земји Бочварски и Сабев, придружувани од бугарскиот министер за туризам Проданов.

Тие во Скопје ќе го продолжат состанокот на мешовитата комисија за инфраструктура, а во фокусот ќе биде авиосообраќајот.