Со какви пораки за дијалогот Скопје - Софија се враќа македонската делегација од Минхен?
Ни фали оптимизам дека европските вредности и принципи се се уште реалност. Пораката од Минхен ја упати премиерот Ковачевски, повукувајќи ги европските челници да најдат формула како да го одржат зборот и да покажат на дело дека проширување на Западниот Балкан е во живот.
На третиот ден од безбедносната конференција, Ковачевски пред панелистите истакна дека блокадата на почетокот на пристапните преговори низ целиот регион се доживува како сериозен удар врз довербата кон Унијата.
-“Поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Северна Македонија и Албанија губат драгоцено време. Но, поголемото прашање е што губи Европската Унија во овој случај. Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање. Оваа ситуација го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот. Доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западен Балкан, тогаш третите страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план”.
Ковачевски и неговиот бугарски колега Петков во Минхен се договорија измените на македонскиот устав и вметнувањето на Бугарите во него да ги гарантира Брисел. Значи ли тоа дека ќе има согласност од бугарската влада овој потег да се случи откако Софија ќе го крене ветото?
-“Обидот да се внесе Брисел е некаков гарант бидејќи премиерите иако имаат добра политичка волја да го решат прашањето на хартија, сепак не ги контролираат пратениците. За промените се потребни 2/3. Мислам дека тоа е причината што Брисел се вклучува во тој дијаог. Секако е поразумен ставот тоа да се случи откако ќе почнат преговорите што е став и на македонската влада”
И покрај тоа што засега нема информации за суштински напредок во преговрите, Арсовски е уверен дека двајцата премиери, но и Брисел, целат на јуни како месец до кој треба да има некаков договор.
-“Мислам дека сепак јуни е суштинскиот датум. Не верувам дека политичката ситуација и во МКД и во БГ ќе дозволи премиерите да се бават со ова прашање во целиот нивен мандат, особено Ковачевски. Тие имаат некаков прозорец сега, додека е ФР претседателство, да направат некаков напредок дури и тој да е симболичен”.
Инаку, втората средба меѓу дипломатските експерти која требаше да биде оваа седмица се одложи за првата половина од март. Намалувањето на динамиката не е добар знак, вели Арсовски, кој смета дека можеби оваа Комисија чека некаков конкретен сигнал од двете земји или пак од Брисел, за да се зафати со суштинските прашања.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
