Со европски пари Битола ќе реновира повеќе културни објекти
Со европски пари ќе се реновира објектот „Парк“, кој е дел од комплексот околу Офицерскиот дом во Битола. Тој веќе подолг период е руина и го нагрдува центарот на градот, но и реновираниот Офицерски дом. Покрај овој објект, ќе се санира и пациото на битолскиот музеј, место кое често е центар на културните и музичките случувања.
-Се планираше повторно да биде објект за културата, но новото раководство планира измени, сака да дополни други содржини. Доколку дозволат од Европската Унија, за нас како министерство не е спорно, доколно дозволат ќе се прошири со други содржини. За нас битно е она што е грда слика за градот да се подобри, изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
На овој начин сметаат дека ќе се привлечат повеќе туристи во градот.
-Сме во фаза на разговори да се продолжат тие активности за понатамошна културна презентација на Битола. Така што Битола ја очекува период на културна, туристичка презентација и сето тоа во интерес на граѓаните и што поголем туристички приход во Битола. Туристите и намерниците да останат во Битола, а не да ја одминат, рече Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.
Овие зафати се дел од новиот проект Smart4you2 за кој неодамна Општина Битола потпиша договор со Европската Унија и претставува продолжение на проектот Smart-Cul-Tour, како дел од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија, за поттикнување на туризмот и заштита на културното наследство во Пелагонија и Корча.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
