Со дополнет и проширен француски предлог бугарското Собрание го крена ветото за Македонија
Бугарија го одобри францускиот предлог и даде мандат на Владата да го одблокира европскиот пат на Македонија. По неколкучасовна расправа, пратениците со 170 гласа “за”, 37 “против” и 21 “воздржан” го изгласаа предлогот на Демократска Бугарија за прифаќање на документот, но со дополнетите барања.
Денеска Парламентот донесе историско решение кое дава зелено светло на францускиот предлог за присоединвање на Македонија кон ЕУ. Интеграцијата на Западниот Балкан е од стратегиски интерес за ЕУ, напиша премиерот во оставка Петков.
Но Софија го крева ветото под четири услови:
1 - Ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство и негово следење од Европската комисија
2 - Гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивното вклучување во уставот како државотворен народ;
3 – Дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија;
4 – И последно, европски гаранции дека сето ова ќе биде исполнето, преку впишување референца во Договорот за добрососедство и протоколите од заседанијата на заедничката меѓувладина комисија во Преговарачката рамка;
На гласањето му претходеше тензична дебата која како главна поента ја имаше историјата и во која пратениците се обвинуваа за национално предавство.
Најдалеку отидоа пратениците од “Преродба”, кои говорот нивниот претседател го проследија со транспаренти со натпис „Македонија е Бугарија“, но беа предупредени дека ќе бидат избркани надвор од салата.
Нашиот интерес е загарантиран, рекоа од партијата на Петков, а Македонија нема да може да отвори ниту една преговарачка тема ако не ги исполни нашите услови.
Од Демократска Бугарија, пак, посочија дека најсилното средство за притисок е токму преговарачкиот процес, а одбивањето на францускиот предлог од Македонија, значи дека тој во целост го штити бугарскиот интерес.
Веднаш по гласањето, на говорницата се качи Јорданов од “Има Таков народ”. „Јас ќе зборувам, но вие ќе го слушате Слави Трифонов”, рече, читајќи ја пораката од лидерот на партијата.
За одлуката гласаа пратениците на „Продолжуваме со промената“, „Демократска Бугарија“, ГЕРБ и ДПС, а сега предлогот мора да биде прифатен од Советот на министри и потоа да биде испратен во Брисел.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
