Бизнис
3. November 2023 - 13:11

Со буџетот за 2024 година ќе нема повисоки плати за функционерите, вели Битиќи

Со новиот буџет, за 2024 година, што веќе се креира и е во завршна фаза, ќе нема средства за повисоки плати на функционерите, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според Битиќи, избраните и именуваните функционери нема да се откажат од покачувањето на платите за 10 отсто, туку Владата ќе одлучи да нема зголемување. 

Се работи на системско решение и наскоро, како што најави Битиќи, се очекува да биде доставен предлог до Владата. 

Вицепремиерот истакна дека во 2025 година ќе има целосно нова методологија за плати според која, платата во јавниот сектор ќе се пресметува со истата методлогија по која се пресметува и платата на избраните и именуваните лица. Догодина, пак, јавниот сектор ќе го добие зголемувањето на платите што ќе го издејствува преку гранковите колективни договори кои, сепак, како што напомена, не може да бидат спротивни на начелата од Општиот колективен договор.

-Тоа што беше најавено помпезно, дека ќе има зголемување, нема да го има во новиот Буџет. Беше најавено дека поради методологијата, следната година сите функционери ќе добијат повисоки плати, но тоа нема да се случи. Има скратување и во други области во кои гледаме дека има непродуктивни трошоци зашто буџетскиот дефицит конечно ќе го доведеме во тоа што го имаме проектирано со среднорочниот план, а капиталните инвестиции ќе останат многу повисоки од планираниот буџетскиот дефицит. Всушност, се испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1 260 функционери и дека се потребни седум измени во законите зашто, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно. Работната група тоа веќе го гледа, од минатата недела. Сакаме системско решение и мислам дека Работната група наскоро ќе има предлог кој ќе биде доставен во Владата за потоа да се испроцесира до Собранието. Секако, тоа што го планираме во Буџетот за 2024 е со сегашните предвидувања, со одредени скратувања на обврски за следната година за зголемување на платите, истакна вицепремиерот, одговорајќи на новинарски прашање по промоцијата на проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“. 

Тој потсети дека за јавниот сектор има Општ колективен договор во кој јасно е кажано што треба вработените да очекуваат во 2024 и во 2025 година.

-Во 2025 година ќе има целосно нова методологија на плати според која, платата во јавниот сектор се пресметува по истата методлогија по која се пресметува платата на избраните и именуваните лица. Се потпишуваат и гранкови колективни договори со одредени права, а следната година секако ќе добијат дополнително тоа што ќе го изборат со гранковите колективни договори, но секако не може да бидат спротивни на начелата од Општиот колективен договор, објасни Битиќи.