Балкан
6. March 2020 - 13:02

Со американски пари ќе се санираат оштетувањата на познатата тврдина во Круја

Соединетите Американски Држави ќе и доделат на Албанија 800.000 долари, за санирање на оштетувањата на неколку објекти со културно – историска вредност, погодени од катастрофалниот земјотрес на 26 ноември минатата година.

Објавувајќи ја веста на Твитер, по средбата со министерката за култура Елва Маргарити, американската амбасадорка во Тирана Јури Ким, напиша „САД секогаш ќе бидат во поддршка на Албанија“.

Покрај објекти во Драч и Преза, ќе биде опфатена и позната тврдината во Круја.

Тврдината била седиште на Скендербег во времето на војните против Османлиите, и било единственото место на Балканот кое не било освоено од страна на Османлиите. Истото паднало под османлиска власт по смртта на Скендербег.

– Состојбата на кулата е загрижувачка. Тоа е многу важен споменик. Ние работиме да ги направиме сите проценки со цел да преземеме мерки за зачувување на овие вредности кои се исто така наша национална гордост,рече претседателот Илир Мета, при посетата веднаш по катастрофалниот земјотрес.

Тврдината во Круја денес е едно од најголемите туристички атракции во Албанија.