Македонија
27. November 2015 - 12:48

Снег и намалена видливост на дел од патиштата

Сообраќајот на патиштата во Македонија се одвива по влажни коловози, а на повисоките места во западниот дел на наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на ЈП Македонија пат.

Врнежи од слаб снег се бележат на Попова Шапка и Маврово. Во останатите делови од државата врнежите се од дожд. Намалена видливост   поради магла,  од 50 до 60 метри, има на патниот правец Тетово – Попова Шапка, информира Автомото сојузот на Македонија во пладневниот извештај за состојбата на патиштата.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.

Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, што ќе трае до 15 март следната година.