Македонија
23. November 2024 - 16:44

Службите кубурат со опрема и кадар

ТППЕ Прилеп останува лидер во Македонија по бројот на интеревенции и изгаснати пожари. До денес имале над 600 интервенции, а таа бројка до крајот на годината според пожарникарите ќе биде 700. Но иако бројот на интервенции е огромен, а Прилеп годинава го доживеа и најголемиот пожар во својата историја, ТППЕ Прилеп се соочува со недостиг на доволно опрема за гаснење, теренски противпожарни воизла, високопритисна пумпа со резевоар, соодветна заштитна облека, но и нема доволно кадар. Во моментот работат само 34 пожарникари на неопределено време и 13 мина со договор на дело, но на оваа работа би требало да има плус уште околу 20-тина.

„Во разговор со моите колеги, ова беше најголем пожар во историјата на Прилеп и по површина, и по зафатени населби, села и ние успешно го спречивме да не стани уште поголем и катастрофален, со тоа што ниту еден објект, ниту една црква, ниту едно село не беше зафатено. Поминавме и без ниту една човечка жртва. А што може да се научи од тој пожар, дека ни фалат пожарникари, ни фали опрема, подобра екипираност, повеќе вложување во овој сектор, буквално секаде може да се подобри во нашава работа. Ни фали таква опрема специфична за нашиот терен, теренски возила, да се подобриме во лична заштитна опрема, има повеќе можност за подобрување во нашата работа, во различни сектори како опрема, луѓе, возила“, рече Блаже Јовески, пожарникар во ТППЕ Прилеп, одговорен на смена.

И покрај овие недостатоци кои се провлекуваат со години никој засега сериозно не се зафатил со реформи во противпожарните служби и нивно опремување според сите прописи. А пожарите секоја година има повеќе и повеќе. Пожарникарите упатуваат и апел за поголема соработка со воздушната поддршка, но и набавување на повеќе авиони за гаснење.

„Кога имаме поддршка од горе, а ние долу сме на терен, можеме на побрз и поефикасен начин да ги совладаме пожарите. Тоа е секогаш добредојдено, но не секогаш е навреме стасана, затоа некогаш се случува некои пожари потешко да ги совладаме. Доколку сме можеле да ги совладаме во првите ден-два, се случувало да ни бидат активни и 3-4 дена. Не се ни тие виновни, колку што знам имаат 3-4 авиони, па на цела територија колку можат и тие да стасаат некаде, на секој пожар. Ние си го работиме нашето, тие си го работат своето и кога ќе се вклопат и нивното и нашето мислам дека имаме најдобар ефект“, вели Јовески.

Во овој период пожарникарите апелираат на чистење на оџаците за помалку пожари.