Македонија
12. April 2021 - 21:21

Случајот „Јавна соба“ заглавен кај Обвинителството - Нови групи шират порнографија и нудат платено членство

По една година и 3 месеци од првиот и три месеци од вториот случај со објавување експлицитни фотографии и видеа во „Јавна соба“ случаите се уште се заглавени во јавнобвинителските лавиринти.

„Јавна соба 1“ е во истражна, а вториот случај е се уште во предистражна постапка.

- Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Истрагата во овој предмет е во тек, следи распит на еден од осомничените, по што ќе следува донесување на јавнообвинителска одлука, појаснуваат од ОЈО за првиот случај.

„Јавна соба 2“, пак е поделена помеѓу скопското, велешкото, битолското, кавадаречкото и прилепското обвинителство. ОЈО Скопје се уште чека податоци од Телеграм за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. Поради тоа, се уште не може да се утврди нивниот идентитет.

- ​Во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка овие предмети поврзани со групата „Јавна соба 2“, ќе биде одредена и правната квалификација која ќе произлезе за наведените кривично-правни настани, велат од ОЈО.

Во меѓувреме, во групата од јануари оваа година има иницијатива да почне да се наплаќа членството за гледање на порнографија.

Невладините организации кои веќе 2 пати излегоа на протест се скептици дека институциите имаат капацитет да го расветлат случајот.

- Одбивањето да се соочат со сопствените недостатоци и тоа постојано повторување на истата изрека дека тие работат се согласно Закон. Односно, тие немаат волја да го спроведуваат Законот соодветно и немаат волја да го спроведуваат Законот на начин што ќе ги заштити жените од родово засновано насилство, вели Драгана Дрндаревска од Платформата за родова еднаквост.

Случајот доби и меѓународна димензија откако од Македонија „Јавна соба“ се прелеа и во регионот, па се приклучија луѓе и од соседството. Во комуникација со организации од другите држави, Платформата за родова еднаквост ќе бара ОЈО да соработува со Обвинителствата од регионот за да целосно расчистување на случајот.