Македонија
28. July 2025 - 16:36

Словенија и Франција ни понудија помош за гаснење на пожарите, надлежните велат состојбата е под контрола

15-ина пожари се уште ги пустошат македонските шуми. Веќе со денови гори околу Радовиш, Берово, Прилеп, Крива Паланка и Желино. Чад се издига и во околината на Скопје, пожари има во општините Илинден и Петровец.

Надлежните, засега уверуваат дека состојбата е под контрола. Не очекуваат пожарите да исчезнат бидејќи, како што велат, постојат сомнежи дека се намерно предизвикани.

Освен што го голтаат шумскиот фонд, пожарите се закана и за имотот на граѓаните.

По неколкудневна битка со огнената стихија, пожарот во општина Старо Нагоричане денеска е целосно под контрола. Црните ридови и неколкуте опожарени куќи сведочат за огнот кој пустошел во атарот на селата Ругинце и Бељаковце.

Жителите тврдат дека причина за пожарите во нивниот регион, најчесто се искрите предизвикани од електричната мрежа.

Моментално, најсериозен е пожарот на планината Готен, кој според надлежните, континуирано се шири. Откриваат, дека дневно се регистрираат од 30 до 50 пожари. Откако земјава побара помош од ЕУ преку системот за цивилна заштита, денеска веќе пристигнале првите понуди за луѓе и опрема од Словенија и Франција.

Во меѓувреме, опозицската СДСМ обвинува дека владејачката партија потфрлила во справувањето со пожарите.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека во недостиг од идеи, опозициската СДСМ сака да создава паника и хистерија, а прашуваат и дали можеби нивни блиски лица учествуваат во подметнувањето на пожарите.

Во Македонија имаме 8 активни пожари, 7 под контрола и 36 изгаснати пожари. Тоа значи дека надлежните реагираат брзо и ефикасно. Тоа значи дека она што го говорат пироманите и некрофилите од СДС, не е воопшто точно, велат од ВМРО-ДПМНЕ.