Македонија
29. September 2015 - 14:16

Скопскиот катастар годинава решил над 267 илјади предмети

Во Центарот на катастарот на недвижности на Скопје од почетокот на  годината пристигнале 269 илјади предмети од кои не се решени само 1.600, бројка што дневно ја обработува институцијата, информира денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Тропески. 

Катастарот до крај на неделата треба да ја заврши дигитализацијата на општина Центар, а до крај на годинава и на Општина Карпош, со што, според Трпески, ќе се заокружи процесот на дигитализација на катастарските планови.

Од 293 граѓани кои се обратиле за помош во тек на отворените денови  во Скопскиот катастар од вчера на 13 веднаш им биле решени предметите бидејќи било утврдено дека причината за нивниот проблем се технички грешки.

Трпески апелира граѓаните да ги искористат придобивките од изменетиот Закон за катастар со кои е воведена поедноставна постапка за уредување на сосопственичките односи, како и за бесплатна изработка на геодетски елаборат на социјалните случаи за легализација на дивоградби.

Според Трпески, досега во Скопскиот катастар се доставени 1.100 предмети за бесплатна изработка на геодетски елаборати, а во целата држава 4.100 предмети. - Сакам да ја потсетам оваа категорија граѓани дека за  рокот за доставување барање за изготвување геодетски елаборат е 31  декември годинава и да не го чекаат  последниот месец за да можеме и ние навреме да ги изготвиме елаборатите, рече Трпески и потсети дека 31 декември година е последниот рок и за поднесување барања за легализација и на инфраструктурни објекти. 

Тимови на Катастарот денеска се присутни во Општина Илинден, во четврток ќе бидат во село Бардовци, а во петок во Драчево. Во тек на отворените денови што Катастарот ги одржува заедно со Управата за имотно-правни работи од 15 овој месец се одржаа средби со граѓаните на Прилеп, Битола, Кичево и Дебар.

Според Зоран Крстаноски, директор на Управата за имотно-правни работи, средбите со граѓаните се корисни, идѕивот е задоволителен и веќе се носат решенија согласно поедноставените процедури со последните измени на Законот за приватизација. Физичките лица кои правото на користење на земјиште го имаат стекнато со надомест во услови каде што нема детален урбанистички план ќе може да приватизираат во рамки на површината што им е запишана во имотниот лист, рече Крстаноски.

Една од најзначајните измени, укажа, е посебната постапка  воведена за поранешни сопственици на градежно земјиште  кои не поднеле барање за приватизација во законскиот рок 15 декември 2014  година. За нив се воведува поедноставна постапка каде што ќе може директно пред одделениејата  на катастарот со едноставна документација: фотокопија од лична карта, правен основ со кој се запишани  како корисници на земјиштето и доказ од општината дека на предметната  катастраска парцела нема легализација на објект, заедно со пропишан образец треба да го пријават во катастар.

- Понатаму Катастарот по службена должност ќе бара од Управата за имотно правни работи дали за парцелата веќе се води  постапка за приватизација. По комплетирање на документацијата катастарот ќе донесе акт со кој на овие граѓани  ќе им го промени правото на користење во право на сопственост по сила на законј, појасни Крстаноски.

Според него, иако Управата за имотно-правни работи го отфрла барањето за приватизација од граѓани корисници на градежно неизградено земјиште кое не влегува во плански опфат, воведена е поедноставна постапка со која заклучокот што ќе го добијат за отфрлање понатаму го спроведуваат во катастараот и тој ги впишува како сопственици  на земјиштето.

Крстаноски најави дека Управата за имотно-правни работи на 1 октомври ќе објави повик со кој ќе ги повика компаните и физичките лица кои се сооочуваат  со посложени проблеми од имотно-правен карактер во постапките за приватизација.