Македонија
6. January 2022 - 16:37

Скопје меѓу најзагадените градови во светот

Прв во Европа, трет во светот. Скопје синоќа повторно се најде на неславната табела на најзагадени градови. Магливиот ден и ноќта во која се палеа бадникарските огнови допринесоа мерните станици во главниот град да измерат и до 13 пати поголемо загадување од дозволеното.

Овие податоци беа доволни Скопје да се најде веднаш зад Дака во Бангладеш и Лахоре во Пакистан на светската листа на градови со најмалку квалитетен воздух. Денот донесе подобрување, но недоволно. 

“Маглата се расчисти, но загадениот воздух остана. И денеска дишеме воздух со енормно количество штетни честички”

На листата на Air Vissual, Скопје денеска гравитира околу 10-то место на најзагадени градови. Пред него нема ниту една европска метропола, а најблиску е Софија на 10-ина места подолу.

Ова е втор последователен ден со надмината аерозагаденост, податок кој предвидува активирање на некои краткорочни мерки како што е бесплатниот јавен превоз, но засега нема таква информација од надлежните. 

Критики на адреса на градот стигнаа од СДСМ. Велат дека градоначалничката Арсовска нема ниту една мерка за борба против загаден воздух, а во исто време крати средства за животна средина

“Во услови кога скопјани дишат нечист воздух неодговорно е да се намалуваат парите  за животна средина, да се намалуваат парите за зеленило, за паркови, за нови садници. Арсовска покажува голема неспособност. Тоа не е менаџирење туку незнаење. Затоа треба да ги продолжи сите мерки и проекти кои што во изминатите 4 години дадоа резултати. Вака Арсовска не може да обезбеди чист воздух и здрава животна средина”

Арсовска претходно најави темелно чистење на дивите депонии и засилени контроли на инспекторите во врска со нивното палењето, како и поголеми казни за загадувачите.

Покрај Скопје, рекордно аерозагадување за оваа зима вчера беше измерено и во Велес. Од општината претходно упатија апел за поголема одговорност во врска со палењето на бадникарските огнови, а енормно загадување вчера беше измерено и во Тетово и во Струмица.