Македонија
13. November 2020 - 19:47

Скопје денеска го одбележува денот на ослободувањето

“12-та Бригада денес е во строј,
иако е уште млада спремна е за бој.
Во бој, во бој,
бидете спремни за народот свој.”

Живко Видовски се сеќава на секој збор од Маршот на 12-тата Македонска бригада, во која членувал и тој кога имал само 17 години. Денеска се одбележува ослободувањето на Скопје од фашистичките окупатори, а Видовски се присетува како било пред 76 години.

“Германците даваа отпор, не се даваше да се ослободи Скопје. Меѓутоа, успехот на Бригадата беше голем. И други бригади помогнаа за ослободување на Скопје. Така да, на овој ден е свечено ослободено Скопје и други градови и цела Македонија се призна дека е ослободена”, вели Живко Видовски, борец во Втората светска војна.

Претставниците на Сојузот на борци од НОБ со гордост се потсетуваат на одлуките на генералот Михајло Апостолски, кој не дозволил влез во Скопје на единиците на тукушто преобразената бугарска војска.

“Сведоци сме на оспорување на нашата национална посебност, на притисок да примиме нешто што никако не можеме да го сториме. Ние, како борци, сме посебно чувствителни кога се става под прашање македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Особено сме погодени кога се омаловажува и негира нашата Народноослободителна борба и светлите датуми во неа, како почетокот на Востанието, 11-ти Октомври, и круната на вековната борба, АСНОМ. Ние многу добро знаеме каде водеа тие борби, против кого се водеше таа војна и со какви жртви се извојува слободата”, изјави Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОБ.

Градоначалникот на Скопје порача да не заборавиме колку е скапа слободата.

“Ние сме горди на нашата историја. И токму заради тоа ние немаме комплекси од нашата историја. И заради тоа што немаме компекси од нашата историја не сакаме да исправаме ничии други истории. Меѓутоа, не дозволуваме никој да ја исправа нашата историја. Ние сме покажале дека како народ сме имале основно чувство да бидеме на вистинската, слободарската страна кога целиот свет бил зафатен од лудилото на фашизмот”, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов ќе предложи новиот мост што се гради во продолжение на булеварот АСНОМ да биде именуван како Мост на Генерал Михајло Апостолски.
Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичките окупатори се одбележа под посебни протоколи поради пандемијата, а владина делегација оддаде почит и положи свежо цвеќе на Алејата на заслужните и пред Споменикот на Ослободителите во дворот на Владата.