Македонија
15. May 2023 - 16:32

Скопјани останаа без мост - 4 дена по пожарот не се знае каква е штетата и дали ќе се реконструира

Четири дена по големиот пожар на мостот Беласица надлежните поим немаат дали воопшто ќе може да се врати во првобитната состојба, ниту колку време би било потребно за такво нешто. 

Град Скопје допрва ќе треба да формира работна група која ќе направи проценка на состојбата на еден од поважните сообраќајни мостови во главниот град.

-За извесно време, коешто не можеме да го предвидиме ќе излезат со податок колкава е штетата по мостот, а врз основа на тоа, дали мостот воопшто ќе може да се реновира. Односно, колку време ќе може мостот да се стабилизира доколку се утврди дека штетите не се толку големи. Во овој момент ние поаѓаме од начелото, подобро пренвентивно да да делуваме со построги правила, отколку мостот самиот од себе, од својата тежина да падне, вели првиот човек на Центарот за управување со кризи. 

Ги прашавме во Град Скопје кога ќе почне реставрацијата на мостот, но оттаму само кратко ни рекоа дека додека не ги добијат записниците од МВР и ЦУК не можат да направат ништо, бидејќи таква била процедурата.

Мостот е заграден од двете страни и е невозможно да се помине со возило, но приодите за пешаци се обележани само со полициски ленти.

За оние кои не знаат или не сакаат да ги прочитаат знаците дека мостот е затворен и за пешаци, на мостот постојано стојат и двајца полициски службеници кои ги враќаат назад и им образложуваат дека мостот не е безбеден за поминување.

Мостот Беласица е еден од главните крвотоци во сообраќајот во главниот град. Поради пожарот возачите се принудени да ги користат другите мостови. Затоа и гужвата е се поголема, особено во сообраќајниот шпиц во утринските часови и кога завршува работното време.