Бизнис
19. May 2016 - 15:13

СКМ организираше средба за вмрежување помеѓу компании носители на Excellent SME MACEDONIA сертификат

Стопанската комора на Македонија денеска организираше настан за вмрежување помеѓу компаниите носители на Excellent SME MACEDONIA сертификатот и членовите на Клубот на менаџери-претприемачи при Стопанската комора на Македонија.

Excellent SME МACEDONIA е сертификат за деловно работење кој Стопанската комора на Македонија почнувајќи од 2013 година го издава во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ - Хрватска за најуспешните мали и средни компании во Македонија. До крајот на 2015 година сертификатот Excellent SME MACEDONIA го носат над 100 финансиски успешни мали и средни правни субјекти кои работат во Македонија, кои заедно остваруваат годишен промет поголем од 520 милиони евра, профит од 25 милиони евра и вработуваат околу 4.500 работници.

Главната цел на сертификатот, која се совпаѓа со ЕУ-директивите, е да се промовираат малите и средните компании, да се обезбеди и да се осигура бизнисот, добрите бизнис-пракси и да се зголеми пазарната транспарентност. Имателите на овој сертификат Excellent SME МАCEDONIA прикажуваат бизнис-успешност според финансиските резултати што се креира на веб-сајтот на компанијата, со што се создава препознатливост, сигурност и доверба при создавање почетна соработка со партнерите, како и одржување добра репутација на домашниот и на глобалниот пазар.

Клубот на менаџери-претприемачи при Стопанската комора на Македонија е формиран минатата година и согласно годишната агенда, покрај организирањето на едукативни настани кои ги задоволуваат потребите на менаџментот за нови информации и пренос на добри практики, промоција на услугите кои ги нуди Комората за своите членки како поддршка при апликација за учество во ЕУ-проектите, користењето на арбитражата како ефикасна алатка за решавање на стопански спорови и слично, организира и настани за вмрежување кои претставуваат еден од приоритетите во насока на креирање можности за бизнис-соработка и размена на контакти.

На денешниот настан присуствуваа повеќе од 110 компании носители на Excellent SME MACEDONIA и 40 компании од Клубот на менаџери-претприемачи и на него беа доделени награди на 10 најдобри фирми според кредитната оценка како носители на сертификатот,  за резултати постигнати во 2015 година. Награди добија „Инфо-биро“ ДОО - Охрид, „Ролопласт“ ДООЕЛ - Скопје, „Атлантик“ ДООЕЛ - Скопје, „Тритекс трејд“  ДОО - Прилеп, „Стентон“ ДОО - Битола, Земјоделска задруга „Единство“, с. Челопек - Тетово, „Екстра меин“ ДООЕЛ - Куманово, „Чеза Комерц“  ДОО - Скопје, „Металкеј“  ДОО - Скопје и „Еко клуб“ ДООЕЛ - Битола.  

За добитниците на  Excellent SME признанијата, беа доделени ексклузивни награди од: „Аурора Турс“ ДООЕЛ - Скопје (Aurora Resort & Spa - Берово), „Макпрогрес“ ДОО - Виница (Хотел „Александар Парк“ - Виница), „Мирана“ ДООЕЛ - Велес („Гардениа“ Хотел и Спа - Велес), Хотел „Кратис“ - Кратово, Хотел „Силекс“ - Охрид и Казино „Фламинго“ Хотел - Гевгелија.

Доделена е и награда за компанијата „Киро Дандаро“ АД - Битола како прва компанија која се стекна со сертификатот Excellent SME во 2013 година и која континуирано е носител  во период од четири години.

Бидејќи една од приоритетните активности на Стопанската комора на Македонија во 2016 година се активностите поврзани со едукација, во таа насока Комората додели три награди за присутните по случаен избор за учество на лиценцирани обуки кои на учесниците ќе им овозможат да се стекнат со признати сертификати.