Македонија
15. October 2024 - 20:02

Сите за правично судење: Загрижувачки е изборот на директор на Академијата за судии

Постапката за изборот на Ирина Трајкоска Стрезоски за директор на Академијата за судии и јавни обвинители е загрижувачки, смета коалицијата за правично судење. Гласањето на членовите на Управниот одбор не било јавно ниту пак образложено..

„Статутот на академијата налага одлуките, УО да ги носи со јавно гласање. Поентата е дека во судскиот систем образложенијата на одлуките се она што е клучно за целиот систем и она што е практично главниот фактор кој влијае и ја креира довербата на граѓаните  во судскиот систем“, изјави Дарко Костадиновски, Директор на Коалиција „Сите за правично судење“.

На лист со имињата на седуммината кандидати и тајно заокружување во текот на вчерашниот ден беше спроведен изборот за прв човек на институцијата која продуцира судии и обвинители.. По сумирање на резултатите, обвинителката Трајкоска Стрезоски беше избрана со шест гласови од вкупно деветмина членови на Управниот одбор на Академијата.. Не образложија зошто го добила нивниот глас.. Од коалицијата велат дека таквото постапување создава недоверба во правосудниот систем, особено што доаѓа од институција што одлучува кој во иднина ќе стане судија или обвинител..  

Во меѓувреме, од невладината алармираат дека се намалува бројот на судии и јавни обвинители во последните пет години.. Нивното истражување покажало и кусок на судски и јавнообнителски службеници.. Заклучуваат дека недостигот од кадар, влијае врз ефикасноста на правосудниот систем..

„Несомнено влијае врз ефикасното постапување на судовите и јавните обвинителства, како што кажавме и претходно, или, ќе има задоцнета правда, или ќе има неквалитетна правда, што и едното и другото се неправда“, изјави Лејла Тутиќ, Коалиција „Сите за правично судење“.

Според анализата, судовите и обвинителствата од гостиварското подрачје имаат најмал проблем со кадар.. Недостигот е најизразен во Битола.