Свет
15. January 2017 - 20:14

Сите победи и порази на Путин

Дојче веле - Бон

Се чини дека годината која измина, од перспектива на рускиот претседател Владимир Путин, за Москва беше и повеќе од успешна, пред се на надворешнополитички план.

Владимир Путин како фармер, сега може да пресметува колку му донесе жетвата. Семето кое рускиот претседател го посеа и го негуваше, на крајот на годината донесе толку многу плодови како ретко кога.

Тоа е мислењето на многу западни експерти и медиуми кои 2016 година ја опишуваат како „супер година” за Кремљ (Франкфуртер алемајне цајтунг). И во Русија, дури и кон Кремљ критички расположениот весник „Новаја газета” заклучи дека ова веројатно за мнозинството Руси беше „најуспешна година”: „Година без потреси”.

Таа проценка сепак се покажа избрзана. Розовиот годишен биланс на Путин го турна во втор план страшниот атентат во Анкара во кој еден турски полицаец го уби рускиот амбасадор во Турција. Убиецот тој чин го нарече одмазда за руската интервенција во сирискиот конфликт. 

Победа во Алепо, пораз во Палмира

Гледано од агол на Путин, тоа што успешно се одвива е пред се моменталната светска политика. Притоа имаше настани во кои Русија играше активна улога, но и такви каде се сомневаше дека Москва има влијание. На крај, имаше и целосно случајни развои на состојбите, но такви на кои Москва можеше да се радува.

Во првата група се вбројува Сирија. Воената помош на Москва за претседателот Башар ал-Асад, на кој му се закануваше пораз во борбата против бунтовниците, доведе до пресврт. Досегашниот врв е битката за Алепо.

За Јенс Зигерт, Сирија е „значаен надворешнополитички успех” на Владимир Путин кој почна уште во 2015 година. „Русија така стана играч на највисоко меѓународно ниво” – вели поранешниот шеф на московското претставништво Фондацијата Хајнрих Бел.

Слично смета и Александар Рар, советник од „Гаспром” и директор за истражување на Германско-руски форум. Рар сепак предупредува дека војната во Сирија се уште не е завршена: „Улогата на Русија ќе се мери со тоа како ќе се одвиваат работите во Сирија”.

А дека не се одвива се според плановите на Москва, покажува Палмира. Терористичката полиција „Исламската држава” во декември повторно го зазеде градот од каде пред половина година беше протерана со помош на руската војска и каде рускиот Симфониски оркестар одржа концерт кој наиде на големо медиумско внимание.

Победа на прагматизмот со Турција

И изненадувачки брзото решавање на конфликтот со Турција, Путин може да го смета за победа. Инаку многу пријателскиот однос, рапидно е влошен откако турската воена авијација кон крајот на ноември 2015 година урна руски бомбардер на границата со Сирија. Русија на тоа реагираше со економски санкции. Мразот го стопи писменото извинување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јуни. Денес во Москва и Анкара повторно партнерите и го усогласуваат својот однос кон Сирија. Освен тоа, Русија повторно продолжи со плановите за изградба на гасоводот преку Црно Море. За Москва тој проект е стратешки важен за да ја заобиколи Украина како транзитна земја.

Помирувањето со Турција е „дипломатска победа” за Путин, вели Андреј Колосеников од Карнеги-центарот во Москва. Сепак, како што вели, би било погрешно да се каже дека Русија успешно ја казни Турција. „Работата е покомплицирана” – вели Колесников. Според него, прагматичните интереси на двете земји биле поважни.

Путин полага надежи во Трамп

Како најголем надворешнополитички успеј на Москва во оваа година, често се наведува победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Американската администрација во заминување и поразената кандидатка од демократите, поранешната министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, му префрлуваат на руското раководство дека се мешале во изборната кампања со хакерски напади. Москва тоа го демантира. Победата на Трамп затоа спаѓа во категоријата на тие настани во кои улогата на Москва и пред се нејзиното влијание на конечниот резултат, не може јасно да се докаже.

Но тоа дека Русија профитира од резултатот на изборите во САД, за експертите е неспорно. Москва беше изненадена од победата на Трамп и многу се радува, верува Рар: „Трамп беше голема добивка за Кремљ”. Ако идниот американски претседател како што најави, ќе работи на приближување со Русија и на прво место ќе ги стави интересите наместо системот на вредности, Русија со помош на тоа може „многу работи да почне”.

Санкциите како пораз

Ханс-Хенинг Шредер, поранешен експерт за Русија при берлинската Фондација за наука и политика, верува дека Русија на надворешнополитички план играше ризична игра и дека сепак може да победи. „Ако Трамп не ја поддржи Украина и во Сирија почне да работи заедно со Русија, тогаш сите ризици ќе се утврдат како храбри, но исправни” – смета Шредер.

Се работи за санкции кои пред две години се воведени поради руската анексија на Крим и постапките во источна Украина. Во Европската унија во 2016 година се зголемија гласовите на земјите како Италија, кои се залагаа за укинување на санкциите. Во еден момент изгледаше дека тие санкции ќе бидат намалени. Сепак, кон крајот на годината, ЕУ ги продолжи санкциите за следните шест месеци. Продолжувањето на санкциите од Западот спаѓа во ретките порази на Путин во 2016 година, верува советникот на „Гаспром” Александар Рар и додава дека поради санкциите страда руската економија.

Уште поважно од укинувањето на санкциите, за Москва може да биде развојот на состојбата на пазарот на нафтата. Одлуката на државите на ОПЕК и Русија да се намали количината на производството на нафтата и така да се зголемат цените, за руското стопанство е решавачка, верува Ханс-Хенинг Шредер.

Јалта-2 или Виенски конгрес-2?

Западниот свет со Трамп како американски претседател, кој ги доведува во прашање старите сојузи како што е НАТО, во кој ЕУ минува низ најдлабока криза поради „Брегзит”, бранот на мигранти и тероризмот и во која на власт доаѓаат проруски претседатели, како на пример во Бугарија, може да предизвика славеничко расположение во Москва.

За тоа што навистина сака претседателот на Русија и како тој го гледа новиот светски поредок, експертите имаат различни мислења. Ханс-Хенинг Шредер верува дека Путин настојува да дојде до некој вид Јалта-2, нови поделби на светот на сфери на влијанија како во 1945 година. Украина со тоа би била дел од руското подрачје на власта. Александар Рар од друга страна верува дека Кремљ попрво сака нов Виенски конгрес, како во 1815 година, на кој „големите сили би се усогласиле за интересите на Европа”.

Кога станува збор за сведување на билансот, експертите упатуваат на тоа дека бројните успеси на Русија во оваа година биле само етапните победи. Било да станува збор за Трамп на местото американски претседател, војната во Сирија или поделбите на Западот, се работи за ситуации кои се уште не се завршени и кои би можеле да појдат во друга насока од таа на која се надева Москва.

„Мултиполарниот свет може да се инфицира со хаос” – вели Александар Рар.

Московскиот експерт Андреј Колесников сето ова го гледа на следниот начин: „Меѓу плодовите на победата на Путин едвај еден плод да е скапан”.