Свет
2. November 2016 - 23:50

Сириските бунтовници го отфрлија барањето на Русија за повлекување од Алепо до петок вечер

Сириските бунтовници денеска го отфрлија барањето на Русија за повлекување од северниот град Алепо до петок вечер. 

- Тоа воопшто не се поставува како прашање. Нема да им го отстапиме градот Алепо на Русите и нема да се предадеме, изјави Закариј Малихифџи од групата Фастаким. 

Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека на бунтовниците и на цивилите ќе им биде дадена можност да ги напуштат источните делови на Алепо, кои се под контрола на опозицијата, и сигнализираше дека ќе продолжи мораториумот за воздушни напади врз градот. 

Малихифџи, сепак, уверуваше дека нема безбедни коридори за повлекување од Алепо, како што тврди Русија. 

- Тоа не е точно. Цивилите и борците не се повлекуваат. Цивилите се плашат од режимот, тие не му веруваат. А борците не се предаваат, истакна претставникот на бунтовниците.