Македонија
7. July 2016 - 16:44

Силно невреме ја поплави општина Долнени, поплавени куќи и уништени посеви со жито и тутун

Поплавени куќи, уништени родови со тутун и жито. Пустош остана по вчерашното невреме кое го зафати прилепскиот крај особено Долнени каде десетина куќи не успеаја да му се спротивстават на дождот. Силно невреме кое било проследено со грмотевици, пороен дожд и град ги кренало на нозе и мештаните но и институциите кои веднаш реагирале.

-Силниот дожд ги поплави куќите. Месното население со свои пумпи и Противпожарната единица од Прилеп до раните утрински часови ја испумпуваа водата од домовите на жителите. Освен тоа, градот уништи површини со тутун и жито во селата Лажани и Кошино. Се уште не знаеме каква е ситуацијата во другите села. Комисија од рано изутрината е на теренот да ги утврди штетите, вели градоначалникот на Долнени, Боше Милошески.

Освен полави кои биле резултат на поројните дождови, невремето предизвикало и неколку прекини на електричната енергија.

- Поради силните грмотевици, синоќа 80 отсто од целата општина Долнени остана без напојување со електрична енергија, вели Илко Петкоски од Центарот за управување со кризи од Прилеп.

Надлежните велат дека во текот на денешниот ден од страна на институциите задолжени за справување со временските неприлики ќе се врши проценка на штетите кои беа предизвикани од обилните врнежи кои го зафатија прилепскиот крај.