Сиљановска Давкова не го потпиша указот за Законот за заштита на децата за двојазични лиценци во градинките
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 31 декември 2024 година испратила известување до претседателот на Собранието Африм Гаши дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата, со кој се предвидуваше воведување на двојазични лиценци во градинките.
Пратениците го изгласале овој Закон на 24 декември 2024 година во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, сега законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.
Во образложението на претседателката, што го објавија неколку медиуми, се наведува дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.
- Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот, пишува во документот.
Во образложението, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
- Потсетувам дка начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон, се наведува во образложението.
Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
СДСМ попладнево преку соопштение обелодени дека претседателката на државата не го потпишала указот за Законот за заштита на децата. Оттаму го поздравија ваквиот чекор на претседателката и побараа од ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од измените на законот.
- Го поздравуваме непотпишувањето на Указот од страна на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова со што се отвораа оваа можност и бараме власта да се повлече од намерите поради спорните одредби кои ги содржи. Членот 9 и Членот 10 од Предлог Законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на Законот власта ги враќа процесите назад со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч, посочија од СДСМ.
Како што нагласија од СДСМ, во овој Закон спорна е целата процедура која, како што велат, насила се туркала во Собранието.
-Предлог Законот од матичната Комисија за социјална политика, млади и демографија власта го префрли за расправа и дискусија во Комисијата за енергетика. Претседателот на Собранието го прекрши Деловникот само за да ја заобиколи надлежната Комисија за социјална политика, којашто е блокирана поради неприфаќање на Законот за посебните права на бранителите. Очигледно ДПМНЕ многу му должи на ВЛЕН, но правниот поредок на државата не смее да биде загрозен само поради политичките дилови на владејачката коалиција, наведуваат од СДСМ.
Ново на Сител
-
Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божик
-
Земјотрес од три степени почувствуван вчера во Скопје
-
Променливо облачно, со магла по одделни котлини
-
Директорот Бурим Љатифи го пушти во работа новиот трансформатор во ТС Битола 2: Клучен чекор за енергетска стабилност
-
Трудо поднесе оставка како лидер на партијата, но ќе остане премиер додека партијата не избере негов наследник
-
Откажани 1.339 летови низ САД поради невремето кое донесе обилен снег
-
ЗНМ: Запалено возило на новинарка
-
Сиљановска-Давкова: Божиќ е симбол на животот, љубовта, почитта и солидарноста