Македонија
24. May 2025 - 16:51

Сиљановска-Давкова ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова и државно-црковната делегација се во посета на Рим и Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители. Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ положија цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј. Присутни беа и голем број македонски граѓани.

Сиљановска Давкова го посети и гробот на папата Франциск. За него, претседателката вели дека ќе остане запаметен по умот и посветеноста на сиромашните, како и по блискоста до верниците. Заедно со неа, како дел од делегацијата, беше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим денеска присуствуваше и црковна делегација, предводена од митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф. 

Честитка по повод празникот испрати собранискиот спикер, Африм Гаши. 

„Овој празник нè потсетува на големината на мисијата на сесловенските просветителски браќа, кои преку создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста, оставија длабока трага во историјата на словенските народи. Како Собрание, остануваме посветени на унапредувањето на образованието, културата и јазичната разноликост, како суштински вредности на едно демократско и напредно општество“, вели Гаши.

„Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за нашиот македонски јазик. Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија“, стои во честитката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Инаку во понеделник, Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква Лео 14-ти и ќе оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, во Рим ќе има билатерална средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.