Loading Video...
Македонија
17. јуни 2025 - 16:38

Сиљановска Давкова: Идентитетските прашања се надвор од било која преговарачка рамка

Македонија не треба да биде жртва на идентитетските прашања бидејќи тие се надвор од секоја преговарачка рамка, вели претседателката Сиљановска Давкова од Тирана, по пораките на Радев дека тие никогаш не поставувале вето за интеграциите на Македонија.

Иако не сакаше директно да ја коментира неговата изјава вели дека таквата реплика не била за Македонија туку за ЕУ која треба да покаже дека нема поважна политика од проширувањето.

Премиерот Мицкоски не верува во искрени намери на Бугарија. Ги повика бугарските државници, ако навистина посакуваат придвижување на интеграциите за Македонија, на гласањето за Извештајот следната недела да ги повлечат амандманите со кои се оспорува македонскиот идентитет и да прифатат средба во Хаг.

Шефот на македонската дипломатија од Будимпешта испрати порака и до Софија и до Брисел дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси. Според Муцунски, иднината во Европа мора да се гради врз доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи

Радев пак на заедничката прес конференција со Сиљановска од Самитот во Тирана, порача дека Бугарија никогаш не поставила услови за полноправното членство на Македонија во ЕУ, туку бара да се спроведе договореното.

И покрај ваквите пораки, нема потврда дека Бугарија е подготвена да седне на маса со Македонија во Хаг. При евентуална средба таа ќе се одвива на ниво претседател - премиер, откако соседите одлучија наместо Радев во Хаг да го испрати премиерот Жељазков.