Македонија
6. November 2025 - 17:15

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.

 Соговорниците, како што соопштија од Кабинетот на претседателката, ја оцениле тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.

Претседателката Сиљановска-Давкова му се заблагодарила на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддала признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.

За швајцарскиот амбасадор, како што е наведено во соопштението, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.

Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции, Сиљановска-Давкова и Зомер ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна.

МИА