Свет
20. May 2017 - 8:42

Силен земјотрес во реонот на Филипините

Силен земјотрес рано изутринава е регистриран во реонот на Филипините, но засега нема информации за жртви или предизвикани материјални штети, а не е издадено ниту предупредување за можна појава на цунами.

Кинескиот сеизмолошки центар соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,0 степени според Рихтеровата скала на длабочина од 540 километри под морското дно, со епицентар во централниот дел на Филипинскиот Архипелаг.

Како што јави ТАСС, Американскиот геофизички институт пак информира дека потресот бил со интензитет од 5,9 степени според Рихтер на длабочина од 521 километер под дното на Минданајското Море и со епицентар северно од јужниот филипински остров Минданао.