Свет
25. September 2017 - 13:12

Шулц: Должност ни е да заминеме во опозиција и ветуваме дека и понатаму ќе ја браниме демократијата

 

Лидерот на германските социјалдемократи, Мартин Шулц, чија партија на вчерашните парламентарни избори доби историски најниска поддршка од само 20,5 отсто, истакна дека Социјалдемократската партија на Германија (СПД) е должна да премине во опозиција и при тоа да ги брани демократските вредности на земјата. 

- Ја разбравме нашата задача - да бидеме силна опозиција во оваа земја и да ја одбраниме демократија од оние кои тоа го доведуваат во прашање и напаѓаат, нагласи Шулц. 

Одредени конзервативци и други германски партии ја критикуваа СПД, кога веднаш по објавувањето на прелиминарните изборни резултати најави дека ќе замине во опозиција. 

Во исот време, Фрауке Петри, една од лидерите на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија, (АФД), што освои 12,6 отсто од гласовите и со тоа првпат обезбеди мандати во Бундестагот, наведе дека нема да биде член на нејзината парламентарна група, поради агресивните говори на припадниците на партијата за време на изборите. 

- По долго размислување, одлучив да не бидам член на парламентарната група, посочи Петри. 

Според официјалните прелиминарни резултати, владејачката коалиција на германската канцеларка Ангела Меркел составена од Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Христијанската социјална унија (ЦСУ), освои 33,9 отсто од гласовите, пред СПД со 20,5 ориценти. 

На трето место е АФД со 12,6 отсто, потоа Слободната демократска партија (ФДП) со 10,7 проценти, Левица - 9,2 и Зелените со 8,9 отсто освоени гласови