Што содржи предлог-законот за ратификација на договорот со Обединетото Кралство?
Партнерскиот договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство испратен на ратификација во Парламентот. Текстот на предлог законот веќе е поделен до сите пратениции објавен е на собранискиот сајт. Според потпишаниот договор на 22 мај, финансиската поддршка за Македонија е во висина на 5 милијарди британски фунти, а опфатени се проекти од областа на здравството, транспортот, технологија и енергетика.
Според документите испратени во Собрание, предложено е обновување и реконструкција на болници во Штип и Кичево, Универзитетски клинички центар во Скопје. Пари од помошта ќе бидат наменети и за болници во Куманово, Битола, Тетово Гостивар, Охрид и Струга. Ќе се инвестира и во брза железница долж Коридорот 10 која ги поврзува граничните премини Табановце и Богородица, главниот град Скопје и аеродромот Скопје. Предвидена е и програма за развој на Коридорот 8. Дел од средствата ќе бидат наменети и за развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформација на владата. Сериозно внимание ќе се посвети и на производство и пренос на електрична енергија.
За Владата ова е историски договор кој ќе донесе бенефит за сите граѓани. Вицепремиерот Меџити во Тема на денот на Сител рече дека очекува поддршка од сите во Парламентот при ратификацијата.
Опозицијата критикува дека британскиот договор бил преседан. На средба со граѓани во Битола лидерот Филипче порача дека ова е политичко ропство...
„Да земеш влада со влада, без контрола, пари со непознати камати, со непознати рокови – тоа е криминал. Тоа е како да одам јас со вашата лична карта во банка да земам кредит, да не ви кажам ништо, од утре вие да плаќате камати, пари, рокови – не знаете, ништо не сум ви кажал. Тоа е основа за кривично дело. Ама во нашата ситуација со Владата тоа е бизнис, очигледно“, изјави Филипче.
Договорот ќе важи за период од десет години, а како владин предлагач потпишан е министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар