Бизнис
30. July 2021 - 16:40

Што носи „Отворен Балкан“, опасна иницијатива или исполнување на сонот?

 Опасна иницијатива, но и остварување на соништата. Различни се оценките по вчерашната промоција на новиот интегриран пазар Отворен Балкан. За Косово, земја која ја одби иницијативата, ова е опасно. На иста линија е и поранешниот пратеник од ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски. За транспортерите пак отворените граници се она за што со години зборува

Опасна е иницијативата Oтворен Балкан. Министерката за надворешни работи на Косово вели дека овој проект создава мислење дека може да постои алтернатива на европската интеграција. Друг проблем, според неа, е тоа што сите земји од иницијативата немаат исти геостратешки интереси.

За поранешниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, малиот шенген е голема беља. Да беше ова само за економска соработка, никој немаше да има против. Но, во овој случај, Македонија влегува во организација во која ќе се решаваат српско-албанските прашања. Во тој процес земјава, според Димовски може да помогне, но не треба да биде посредник. Ние влегуваме во нешто што не е сосем јасно и заради што Косово, Црна Гора и Босна не влегоа.

Остра на социјалните мрежи по ова прашање е и претседателката на ССК, Данела Арсовска.  Синоќа таа напиша: „Толку од Европа, Македонија заглави во Микро Шенген Балкан Гето и доби датум за влез во Врање!“.

За транспортерите пак, оваа иницијатива е остварување на нивниот сон. Одамна чекаат отворени граници за брз транспорт без непотребни задржувања. Велат сите досегашни иницијатива за зелени коридори и заеднички контроли не даваат резултати заради лошата инфраструктура.

Отворен Балкан ќе стартува на 01.01.2023. Ќе значи отворени граници за луѓе, стока, услуги и капитал меѓу Македонија, Албанија и Србија.