Македонија
19. March 2021 - 16:32

Што ќе се случува со планинарскиот дом на врвот на Водно?

Планинарскиот дом на Водно нема да стане елитен ресторан и цените ќе останат исти, тврди новиот концесионер. Домот “Даре Џамбаз” веќе утре повторно ќе биде отворен за посетители. Друштвото Х2О, кое во наредните пет години ќе стопанисува со домот, се обврза дека ќе го санира и реновира домот, но ќе остане автентичниот изглед. Сегашната голема спална ќе стане мултинаменска просторија, а ќе бидат функционални и долните соби за спиење, каде сега протекува вода.

Планинарското друштво Бистра, кое речиси 60 години управуваше со домот, обвинува дека објектот насилно им бил одземен. Стравуваат дека домот ќе стане елитен ресторан со скапи цени. Веќе поднеле кривични пријави, а правдата ја бараат на суд.

Договорот на претходниот концесионер истече во август лани, а Федерацијата не го продолжи бидејќи не биле задоволни од тековното одржување на домот. Со нотар и полиција го презеле домот и го предале на новиот концесионер.

На огласот можеа да учествуваат сите планинарски клубови членки на Федерацијата, но понуди доставиле само 4. Апликациите на две од нив биле нецелосни или задоцнети. Концесионер на домот стана Х2О бидејќи понуди 400 евра месечна закупнина, што е за 50 евра повеќе од Бистра. Новиот концесионер се обврзал на инвестиции од 45.000 евра, додека Бистра понудиле 7.000 евра.