Бизнис
4. July 2018 - 15:29

Штипски „Исар“ гради нови бунари за водоснабдување

Штипското комунално претпријатие „Исар“ почна со бушење на два нови експлоатациски  бунари во локалитетот Штипско Езеро, за да се обезбедат  дополнителни количини сирова вода. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска изврши увид во градежните работи, а како што нагласи оваа е инвестиција од 415.000 денари на ЈП „Исар“.

- Со изградбата на двата нови бунари ќе го зголемиме капацитетот за водоснабдување за околу 30 литри вода во секунда, што значи значително ќе се подобрат можностите на Општина Штип и на јавното претпријатие за снабдување со вода на нашите граѓани. Ова е од исклучително значење, бидејќи ние како граѓани и како раководни структури мораме да се грижиме за здравото и сигурно водоснабдување во наредниот период, имајќи предвид дека се случуваат многу климатски промени. Вакви бунари се бушат прв пат после 2012 година, вели Бочвраски.

Тој забележа дека во овој дел од градот во изминатиот период беа изградени два инфраструктурни објекти, а тоа се пешачката патека и обиколницата. Иако станува збор за инфраструктурни објекти кои имаат директно влијание врз водоснабдителниот систем, за нив биле издадени градежни одобренија, но без да биде изготвен Елаборат за определување на границите на заштитни зони околу водозафатни објекти – експлоатациски бунари во Општина Штип. Елаборат веќе е изготвен, а за неговото изготвување ЈП „Исар“ оддели средства во висина од 354.000 денари.

- Врз основа на првиот сегмент од овој Елаборат, а во врска со обиколницата, се предлага три од постојните бунари да бидат ставени надвор од употреба.  Врз основа на вториот сегмент од Елаборатот, а во врска со пешачката патека, предложени се две опции прво патеката која минува во непосредна близина на бунарите и во рамките на првата заштитна зона на бунарските подрачја Фортуна и Штипско Езеро во иднина да се стави надвор од употреба и како второ бунарите кои се лоцирани во близина на патеката, односно помалку од десет метри од неа да се дислоцираат и патеката да остане во функција, рече Бочварски.

Како ќе се постапува по однос на укажаните препораки од Елаборатот, ќе одлучува Советот на Општина Штип. Според директорот на Јп „Исар“-Штип, Живко Тасев двата нови бунари на локалитетот Штипско езеро се очекува да бидат готови за 20 дена.