Македонија
20. јуни 2025 - 16:42

Штипска Апелација одлучи предметот за „Пулс“ да го препрати на Врховен

Апелациониот суд во Штип одлучи случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани да го препрати до Врховниот суд. Оваа одлука следува по денешниот состанок на судиите, откако кочанскиот суд побара изземање, бидејќи сите петмина судии веќе биле инволвирани во носењето на одлуки за мерките за обезбедување на обвинетите. 

-„По целосната анализа на кадровскиот и техничкиот потенцијал на преостанатите судови со проширена надлежност од подрачјето на Апелационен суд Штип – Основен суд Штип и Основен суд Струмица, смета дека постојат правни и стварни причини поради кои што судовите  од подрачјето на Апелациониот суд Штип се спречени да постапуваат по наведениот предмет, согласно чл.27 ст.3 од ЗКП одлучи да достави образложен Предлог до Врховниот суд на РСМ за пренесување на надлежноста и определување на друг стварно надлежен суд кој ќе постапува по оценката на поднесеното обвинение на ОЈО Кочани и по  предметот во понатамошната постапка“, стои во соопштението од штипска апелација.

Следниот чекор е Врховниот суд да реши дали и на кој друг суд ќе му го довери предметот кој се однесува на една од најголемите трагедии во поновата историја на државата. 

Минатата недела обвинителството поднесе обвинение против 34 лица, осомничени з атешки дела против општата сигурност. Во трагедијата 62 млади животи прерано згаснаа, а повеќе од 200 беа повредени.