Штип се прости од петтемина загинати во пожарот во Кочани
Во колони долги по неколку стотина метри граѓаните на Штип денеска се простија од петтемина загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Последна почит им оддадоа на Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.
Од најмладите Таневски и Ивановски граѓаните се простуваа во Соборниот храм „Свети Никола“, каде граѓаните со цвеќе и достоинствено и во тишина се простуваа од своите млади сограѓани.
Во црквата „Успение на Пресвета Богородица„ во штипско Ново Село штипјани се простија од баџанаците и членови на групата ДНК, Филип Стевановски и Александар Коларов, а во Црквата „Света Троица“ на Гробиштата во Штип граѓаните, роднините и пријателите се простија од Александар Ефремов, фотограф на ДНК.
Сите загинати беа погребани во гробиштата во Штип со почести од високи свештени лица на МПЦ-ОА.
На трите места каде се оддаваше последна почит на загинатите беа присутни тимови на Црвен крст и екипи на Прва помош.
Инаку, сите регионални и локални медиуми, како и дописниците на националните медиуми денеска не фотографираа и снимаа од погребот на петтемина штипјани, почитувајќи го барањата на дел од семејствата и пријателите на починатите да не се фотографира и снима.
Ново на Сител
-
Мексиканската морнарица заплени 4,5 тони кокаин од шверцерски брод
-
Гори крајречна трска во атарот на пелагониските села Брод-Гнеотино
-
Илјадници луѓе на протест во Истанбул втора ноќ по ред поради апсењето на градоначалникот
-
Има доволно крв на Трансфузиологија и апелираат да не се шири паника и апели за дарување на социјалните мрежи
-
Шпанска Амбасада: Шпанија секогаш блиску до Северна Македонија, се солидаризира со жртвите од пожарот
-
Уапсени Папазов, Димитровски и Илијев - последните тројца градоначалници на Кочани
-
Полициска акција во врска со пожарот во „Пулс“
-
Русија назначи преговарачи за разговорите со САД в понеделник за Украина