Македонија
19. March 2018 - 13:16

Штип се подготвува за празникот Чет’рсе

Општина Штип се подготвува за одбележувањето на 22 март Денот на пролетта или меѓу штипјани познат како Чет’рсе.

Раководителот на Одделението за јавни дејност во Општина Штип, Билјана Казанџиска на денешната прес-конференција рече дека станува збор за првиот македонски обичај кој влезе на светската листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство. Уникатниот и исклучителен обичај Чет’рсе е значаен сегмент од културата на Штип и на Република Македонија. Особено важно за овој обичај е што истиот го чествуваат младите жители на Штип, без разлика на нивната верска или етничка припадност.

- По тој повод, Општина Штип заедно со основните училишта, градинките и останатите институции, организира повеќе активности, започнувајќи од утре.  На 20 март во Општинскиот Мултимедијален центар  „Киро Глигоров“ ќе се одржи квиз-натпревар меѓу основните училишта во Штип и ООУ „Страшо Пинџур“ од Карбинци на тема „Чет’рсе – Навраќање на традицијата, пролетта е радост“.

На 21 март уште еден значаен ден, Светски ден на поезијата, во НУБ „Гоце Делчев“ ќе се одржи литературно читање на творби од литературниот конкурс на истата тема. Конкурсот беше распишан пред десетина дена и на него со свои литературни творби се пријавуваат ученици од сите основни училишта во градот, вели Казанџиска.

На 22 март во Дом на млади-Штип  ќе се одржи хепенинг на кој ќе учествуваат основните училишта, градинките, балетските студија од градот, универзитетот „Гоце Делчев“, а ќе има и изложба на изработки од деца со посебни потреби. На истиот настан ќе бидат прогласени победниците од квизот, литературниот и ликовниот конкурс. Хепенингот ќе продолжи со пригодна програма до крајот на денот.