Македонија
9. јуни 2023 - 12:28

Штип ќе го врати долгот на „Исар“

Со 18 милиони денари, пари од касата на општина Штип, ќе се деблокира сметката на ЈП „Исар“. Мнозинството во Советот ја донесе оваа мерка, за да може претпријатието извесен период нормално да функционира, да ги враќа заостанатите долгови и да врши тековна исплата на плати и придонеси за вработените. 

- Зголемени се износите на наплата на месечно ниво за електрична енергија, дополнително имаме покачување на минималните плати и јавното претпријатие не е во можност без оваа субвенција да ги сервисира долговите на месечно ниво, изјави Кирил Зајков, в.д. директор на ЈП „ИСАР“-Штип.

Опозициските советници не гласаа за одлуката бидејќи сметаат дека не е доволно трананспарентно објаснето за колкав вкупен долг кон ЕВН се работи.

- Колкав е тој долг за кој велите дека е направена спогодба, иако истото беше најавено и претходно дека ќе се плаќа на рати, праша Маријана рогожарска - Поповска, координатор на СГ-СДСМ.

Градоначалникот реплицираше дека претпријатието има да издвојува по 3 милиони месечно за рата кон ЕВН, но финансиската состојба се усложнува зашто вработените ги добиле тужбите за исплата на К-15.

- Во овој момент ни се случува во јавното прептријатие, вработените да наплаќаат и да тужат за наплата на своите побарувања, затоа што во минатите години оваа обврска не била исплаќана. Ни се случува да присилно бидат наплаќани од сметката и за украсни камења кои некои директори во минатото ги ставаа на ул. „Партизански одреди“, во износ од 50.000 евра, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Советниците го изгласаа и ребалансот на буџетот, а најголемо кратење од 5 милиони денари ќе има на капиталните расходи.