Шилегов со ,,Во бестрага'', ВМРО-ДПМНЕ со критики: СДСМ доби ново раководство
Во бестрага или не, ова беше музичката нумера со која Петре Шилегов долгогодишен член и функционер од редовите на СДСМ одлучи да ја објави по вчерашниот избор на новото партиско раководство на СДСМ. Наместо коментар, како што напиша, ја сподели песната на својот фејсбук профил.
Новите најблиски соработници на Филипче во партијата наидоа и на критики од власта. За ВМРО-ДПМНЕ станува збор за стара политичка игра и поставување на луѓе на Заев на раководни позиции во партијата.
- Раководството е составено од децата на Заев, негови потрчковци од 3 и 4 ешалон, кои само тој може да ги управува и разни поранешни НВО активисти. Граѓаните не можат да очекуваат од СДС веќе ниту идеологија, ниту минимум чувство за државни интереси. СДС ќе биде користена како приватна фирма за интересот на поединци, а пред се за интересот на Зоран Заев и неговиот неврохирург Венко Филипче. Целото раководство на СДС се луѓе кои биле извршители на политиките на Заев како министри, државни секретари или директори - изјави Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ
Обидот на ВМРО-ДПМНЕ да ги прикаже новите кадри на СДСМ како „стари и потрошени“ доаѓа од нивниот страв од вистинските промени што се случуваат во СДСМ, реагираат од опозициската партија.
- Изборот на новото раководство на СДСМ е доказ за освежување, нова енергија и силна визија за иднината. Станува збор за професионалци со интегритет, кои немаат политички багаж и кои ја претставуваат модерната социјалдемократија. Нападите на ДПМНЕ само ја потврдуваат нивната нервоза пред овој силен и решителен чекор на СДСМ да ги постави темелите за ново, посилно политичко делување - соопштија од СДСМ.
Синоќа за нови потпретседатели на СДСМ беа одбрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката на правниот факултет Ана Чупевска, Кристина Колева која е член на ЦО на СДСМ и Методија Илиевски од општина Битола.
За генерален секретар беше поставен Александар Димитриевиќ, а за организациски секретари Мартин Костовски и Љупчо Фармаковски. Со овие кадри СДСМ го коплетираше долгонајавуваното реформирање на партијата по историскиот пораз на последните парламентарни и претседателски избори.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар