Македонија
17. November 2020 - 18:30

Шилегов најавува поголеми казни за фрлањето отпад

Поригорозни казни за несоодветно фрлање отпад, најавува градоначаникот на Скопје. Во недостиг на комунална полиција, Шилегов вели дека инспекторите ќе продолжат да интервенираат на терен по реакции од граѓаните на социјалните мрежи. Таков беше последниот пример кога минувач снимал како камион истура градежен шут во Трнодол. Инспекторите веднаш го нашле сторителот, кому му е изречена највисока глоба и има обврска да го врати теренот во првобитна состојба.

“Излеговме на лице место, санирана е состојбата или е во тек санирањето на состојбата во Трнодол. Се изрекуваат соодветните законски санкции. Она што го имам договорено со министерот за правда се измените во кривичниот законик. Делот, односно главата што се однесува на животната средина веќе од прекршочна зона помина исклучиво во кривична. И таков случај, каков што го имавме вчера да завршува и со заплена на возилата”, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Според градоначалникот, термалните дронови даваат резултати. Со нив и навечер се набљудуваат индустриските капацитети, а целта е да се откријат загадувачите на животната средина.

“Има резултати од дроновите, каде што инспекторатот на лице место затекнува палачи на кабли. Ова е период кога сме пофокусирани. И јас нема да дозволам додека го водам овој град условно кажано Инспекторатот на Град Скопје да спие. Напротив, да си ја врши својата работа”, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Градот располага само со дваесетина инспектори, кои не се доволни за да се покрие целата територија. Шилегов очекува дека со најавеното групирање на инспекциските служби градот поефикасно ќе се справува со загадувачите.