-->
-->
Шекеринска: Македонија сака заслужено во НАТО
-->
Република Македонија не бара членството во НАТО да го добие како подарок. Тоа не е ниту тоа е стекнато право, туку тоа да е резултат на посветеност, исполнети критериуми и континуирана стабилност. Тоа го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на отворањето на состанокот на министри за одбрана на САД - Јадранска повелба што денеска се одржува во Охрид.
Шекеринска од говорницата ја нагласи решителноста на Владата на РМ за решавање на отворените проблеми кои досега непотребно се развлекуваа, ги оптоваруваа односите со нашите соседи, а се наметнаа како реални пречки на нашиот пат кон евроатлантските интеграции.
- Македонија полека излегува од еден тежок период предизвикан од пролонгираната политичка криза. Период полн со предизвици, во кој граѓаните покажаа мудрост, зрелост, одважност и демократски капацитет, и недвосмислено се изјаснија за насоката кон која посакуваат земјата да се движи и стратешките приоритети, истакна Шекеринска.
Таа ја посочи и фокусираноста на земјата кон интензивирање на континуираниот придонес и учество во бројни иницијативи и облици на соработка, со соседите, регионот и партнерите.
- Само со заеднички напори можеме да ги совладаме предизвиците и заканите кон вредностите во кои веруваме. Во тој контекст верувам дека токму од денешната средба ќе произлезат нови идеи и проекти, со што ќе ја продлабочиме и унапредиме нашата соработка, заклучи Шекеринска.
Пред учесниците на состанокот обраќање имаше и премиерот Зоран Заев кој потсети дека токму Јадранската повелба беше мотивацијата што ги водеше земјите членки за рекордно време да ги достигнат стандардите за членство во НАТО, притоа изразувајќи жалење што Македонија во Букурешт остана пред вратата на Алијансата поради спорот со Грција, независно генералната оценка дека земјата ги исполнила сите критериуми.
Тој забележа дека од тогаш Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешка политичка криза во земјата по осамостојувањето.
- Но, демократските сили на Македонија со слободоумните граѓани на земјата се издигнаа над кризата и апатијата и ја вратија надежта. Граѓаните се ошределија за градење силна демократија, почит на човековите права, добро владењее, стратешка инвестиција, рече Заев.
Истовремено тој ја истакна подготвеноста за надминувањето на проблемот што го има Грција со нашето име, чие решение би можело да се постигне преку градење на позитивна атмосфера на добросеседство и соработка со нашиот јужен сосед.
На состанокот во Охрид учествуваат заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД Лора Купер, министри за одбрана или официјални претставници на земјите членки Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Црна Гора, како и министерот за одбрана на Бугарија, и министрите за одбрана или официјални претставници на земјите набљудувачи, Косово, Србија и Словенија.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
Војната во 2001-та вистински предизвик за известување за младата редакција на Сител
-
Информативната редакција на Сител со Марјан Ѓуровски
-
Информативната редакција на Сител со Јасминка Аневска
-
Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија
-
Фрчковски злоупотребил стотици илјади евра буџетски пари
-
Мицкоски: Повеќе отстапки нема да правиме
-
Наместо обвинувања, партиите да понудат решенија за поткрепа на судството
-
Гаши не открива кога Законот за интонирање на химната во училиштата ќе се најде на пленарна седница