Шефицата на Европската дипломатија Каја Калас во петок во Скопје
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика во петок доаѓа во Скопје. Каја Калас ќе се сретне и ќе одржи заедничка прес конференција со премиерот Мицкоски, но ќе има и набиена агенда.
Со министерот Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.
Калас во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски да ја посети и постојаната Балканската медицинска работна група.
Во рамки на посетата на Скопје, како што најави Европската служба за надворешни работи, Калас ќе има средби и со претставници на младински и студентски организации од земјава.
Македонија е прв пат на агендата на западнобалканска турнеја на Калас, која минатиот месец ги посети Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Покрај во Македонија, шефицата на европската дипломатија од денеска до петок ќе ги посети и Србија и Косово.
Целта на сите овие посети според најавите, е да се покаже посветеноста на ЕУ на Западниот Балкан и поддршката на перспективите на земјите од регионот за членство во Унијата.
Калас во петокот во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана на кој присуствуваше и премиерот Мицкоски, порача дека Македонија прави добар напредок и дека не е во ред билатерални прашања да ја кочат европската интеграција на земјата. Но еден ден претходно, првиот човек на Европскиот совет Антонио Кошта од Скопје порача дека Унијата нема план Б за европската интеграција на Македонија и дека без уставни измени земјата нема да напредува.
Македонската влада пак и натаму останува на ставот дека Уставот нема да се менува без гаранции дека тоа ќе биде последна пречка и последно барање на Софија.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар