Бизнис
20. September 2021 - 16:34

Шахпаска со апел до пратениците да ги поддржат измените за недела неработен ден

Министерката за труд со апел до пратениците за што поскоро да го изгласаат законското решение, со кое во недела нема да се работи. Според најавите, недела како неработен ден треба да стартува од почетокот на следниот месец, а на само десетина дена пред дадениот рок за законот сè уште се расправа во рамки на матичната собраниска комисија.

Синдикатите со нетрпение очекуваат да се усвои ова законско решение, но работодавачите бараат одложување бидејќи фирмите сè уште не се опоравени од кризата со која се соочија поради пандемијата.

Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го дефинираат предлогот како популистичка мерка и бараат власта да ги чуе стопанствениците, кои се всушност двигатели на економијата, од владејачката СДСМ сметаат дека ваквото законско решение е вистински исчекор во унапредување на работничките права.

За неделата да биде неработен ден потребно е да се изгласаат измени не само во Законот за работни односи, туку и во Законот за трговија, бидејќи се предвидува вкупно 42 дејности да бидат исклучок. Но, работниците во дејностите кои е неопходно да работат ќе добиваат за 50% повисока дневница и слободен ден во текот на следната седмица. Предвидено е и трговските центри да работат во недела, но само од 10 до 18 часот, а вработените за тој ден да добиваат двојно повисока дневница.