Свет
30. јуни 2024 - 11:35

Северна Кореја: Односите меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија се развија во азиска верзија на НАТО

Северна Кореја ја критикуваше заедничката воена вежба меѓу Јужна Кореја, Јапонија и САД овој месец, велејќи дека таквите вежби покажуваат дека односите на трите земји еволуирале во „азиска верзија на НАТО“, објавија државните медиуми.

Во четвртокот, трите земји започнаа големи заеднички воени вежби во кои учествуваат поморски уништувачи, борбени авиони и американскиот носач на авиони Теодор Рузвелт на нуклеарен погон, чија цел е зајакнување на одбраната од проектили, подморници и воздушни напади.

Вежбата беше осмислена на трилатералниот самит во Кемп Дејвид минатата година за да се зајакне воената соработка во услови на тензии на Корејскиот полуостров кои произлегуваат од севернокорејските тестови на оружје.

Пјонгјанг нема да го игнорира зајакнувањето на воениот блок предводен од САД и нивните сојузници и ќе го заштити регионалниот мир со агресивен и огромен одговор, се вели во соопштението на севернокорејското Министерство за надворешни работи, пренесе новинската агенција КЦНА.

Министерството, исто така, рече дека Вашингтон продолжува со напорите за приближување на Јужна Кореја и Јапонија до НАТО, додавајќи дека обидите на Јужна Кореја да испорача оружје во Украина се еден пример за тие напори.