Селекцијата на отпад може да го намали аерозагадувањето
Аерозагадувањето во голем процент може да се намали и со селекција на отпадот. Според Лилјана Поповска од Зелениот институт селектирањето ќе значи и помала можност за горење на материјалите што загадуваат, пред се пластиката. Поповска вели, постапката за селекција не чини многу, а бенефитите за општеството се големи и затоа апелира до општините колку што е можно побрзо да ја спроведат истата.
Во изминатите неколку месеци Зелениот институт вршеше мониторинг за преземените мерки и чекори поврзани со селекцијата и рециклажата на отпадот во општините Струмица, Босилово и Ново Село. Од сите три општини Босилово е најнапред. Тие освен одлука веќе имале склучено договор со фирма која ќе постапува со отпадот. Во рамки на проектот била спроведена и анкета која покажала дека над 90% од граѓаните се подготвени да го селектираат отпадот.
Од Зелениот институт потенцираат дека сите општини имаат законска обврска до крајот на годината да склучат договор со постапувач за селектиран отпад. Селекцијата, освен аерозагадувањето треба го намали и бројот на дивите депонии кои долго време претставуваат сериозен проблем во поголем дел од државта.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар