Македонија
27. April 2025 - 16:37

Села ја сака Алијанса но без Таравари - ВМРО ДПМНЕ убедена во победа на изборите

Таравари да поднесе оставка, а членството повторно да се врати во старите редови – Села прифаќа обединување на албанскиот блок, но само ако неговиот опонент не е дел од таа коалиција. Јасно не одговори дали доколку Таравари се испазари со Ахмети , тој би останал во Европскиот фронт, но потврди дека не само комуникација, туку се случиле и најмалку три средби на Ахмети и Таравари. 

Од Мала Речица молчат за можните комбинаторики со Таравари, но велат загрижени биле од погрешниот правец на владата во евроинтеграциите. Бараат двојни избори наесен. 

По клучните прашања од стратешки интерес, Власта се соочува со целосен пораз на приоритетите кои самата ги престави како државен интерес, што несомнено треба да резултира со предвремени парламентарни избори. Водени од популистичките мотиви во пресрет на претстојните локални избори, Власта целосно го отстрани Европското досие на земјата и можноста за продолжување на преговорите со ЕУ.

За изборно соочување подготвени и во Вреди. И без Таравари се убедени дека уживаат поголема доверба кај албанскиот електорат. Најавуваат победа на изборите на есен.

ДУИ, која секоја институција ја претвори во партиска гранка, која ги омаловажуваше интелектуалците, која ги предаваше правата на Албанците на ниски адути за преговарање, денес се плаши од правда. ВЛЕН е на власт за да ја спроведе промената за која Албанците гласно бараат и нема да застане сè додека секој Албанец не се почувствува слободен, рамноправен и достоинствен во својата земја. Во октомври, на локалните избори, ВЛЕН ќе победи во сите албански општини!

Во пресрет на средбата Мицкоски – Таравари, владејачката партија испраќа порака дека владата е стабилна. ЦК на партија со став дека општинските комитети се мотивирани и се очекува огромна победа на изборите. 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ  Христијан Мицкоски истакна дека Македонија ја очекуваат успеси и добри резултати кои се последица на реформите преземени во изминатиот период, и дека целта е економска стабилност и просперитет на сите граѓани. Претседателот Мицкоски информираше исто така дека во идниот период продолжуваат испитувањата и мерењата на јавното мислење за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, кои покажуваат неколукратна предност пред политичките конкуренти, но и дека треба да исполни одговорноста на преземените ветувања пред граѓаните, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски и Таравари последните случувања во коалицијата ќе ги разговараат на средба по првомајските празници.