Македонија
30. November 2021 - 12:26

Секој четврти битолчанец има дијабетес

Околу една четвртина од населението во Битола има тип 1 или 2 дијабет, додека бројот на деца и возрасни со дијабет се зголемува. Од Здружението на дијабетичари на Општина Битола велат дека покрај терапијата, најважна е едукацијата.

-Ако се земе предвид дека тука станува збор за нивните семејства, можам да кажам дека половина Битола е засегната со некои допирни точки со лицата со дијабетес. Токму заради тоа сакаме да се посветиме на едукацијата затоа што тоа е единствениот начин за подобрување на квалитетот на живеење на лицата со дијабетес затоа што инсулините си ја вршат својата работа, но ако не се во комбинација со правилен начин на живот, на правилен начин на исхрана, на физичка активност, регулирањње на стресот итн., на тој начин ќе овозможиме една стабилност во менаџирањето на дијабетесот, изјави Душанка Атанасовска, претседател на здружени на дијабетичари на Општина Битола.

Дијабетесот е тивок убиец и токму затоа раното откривање е од огромно значење. 

-Многу често кај нас доаѓаат пациенти кои што не почувствувале никакви симптоми и доаѓаат кога ги откриваме само коморбидитетите веќе во многу доцна фаза. Затоа е многу важно пациентите да се информирани, рано да се јавуваат кај својот семеен доктор, да прават структуирани скрининзи и прегледи за дијабетот, а со тоа да може да се открие навреме, прво во фазата пред дијабет , а покасно и во фазата на дијабет, рече Д-р Габриела Гулевска, специјалист по семејна медицина. 

Најголемиот број смртни случаеви се од хипогликемија, вели интернистот Д-р Китановски.

-Мојата порака до сите оние кои што се на инсулин и имаат дијабет, не смеат да дозволат наутро да имаат гликемија 4-ка, бидејќи организмот во својот метаболизам има еден феномен, така наречен феномен на зора, така што ако наутро е 4-ка кај три часот бил единица или двојка, изјави Д-р Димитрија Китановски, интернист. 

Здружението на дијабетичари на Општина Битола ја одбележаа 100-годишнината од откривањето на инсулинот, за кој велат дека за нив живот значи.