Балкан
25. December 2015 - 12:13

Седуммина загинатии во судири во југоисточна Турција

Седум лица загинаа при судири меѓу припадници на турската армија и група курдски бунтовници во југоисточна Турција.

Во престрелката загинале шестмина курдски бунтовници, а биле ранети тројца војници. Меѓутоа, еден од ранетите војници подоцна починал во болница.

Двегодишното примирје меѓу Курдската работничка партија (ПКК) и Анкара пропадна во јули, а неделава турските безбедносни сили презедоа голема акција против бунтовниците.

Според курдската Демократска партија на народите, најмалку 38 цивили биле убиени за време на офанзивата на турските безбедносни сили.

Турските државни медиуми јавија дека во последните операции во југоисточниот дел на земјатѕа загинале 168 бунтовници од ПКК.

„Хуриет Дејли Њуз“ вчера објави дека околу 100.000 луѓе од југоисточна Турција ги напуштиле своите домови поради судирите меѓу турските безбедносни сили и ПКК. Весникот наведува дека околу 1,3 милиони луѓе во југоисточна Анадолија се погодени од воведување на полицискиот час.

Турските безбедносни сили успаеле да воспостават контрола над осум од вкупно 13 населени места, во кои ПКК се обидува да формира автономни зони.

Во предупредувањето од полицијата испратено до сите 81 окрузи во Турција се наведува дека борците од ПКК имаат за цел судирите да се префрлат во големите турски градови.