Се зголемуваат кражбите на вода во Битола
За да се избегне непотребно трошење вода за време на топлите денови, Водовод Битола апелираше на рационално користење на водата. Но, покрај нерационалното трошење на водата, тука се и дивите приклучоци кои нанесуваат директна штета на системот за водоснабдување. Од Водовод велат, кражбата на вода ја имало и ќе ја има, но она што зачудува е фактот што поголеми се кражбите од страна на правните лица. Исто така повеќе диви приклучоци има во руралните, отколку во градските средини.
- Секогаш имало несовесни граѓани и институции кои сакаат да го злоупотребат тоа. Не би рекол дека голем дел од граѓаните кои ја употребуваат за основни потреби ќе се осмелат да крадат, но фирми кои остваруваат приход се почесто се осудуваат да го направат тоа. Најголемата загуба по основ на кражби ни е во руралните средини, вели Горан Козаров, директор на Водовод Битола.
Но, не е само водата за пиење, диви приклучоци постојано се регистрираат и на водата од Стрежевското езеро од каде со вода се снабдува индустријата, земјоделците, а ја користи и „Водовод“, кога за тоа ќе има потреба.
-Ние како институција редовно вршиме контрола за наводнувањето и увидуваме диви приклучоци, не ги пријавуваат. Ние редовно во јуни правиме акција за легализирање, за да знаеме каде има приклучоци за да нема течење вода без потреба, вели Менде Граматковски, директор на ЈП Стрежево.
Тие постојано апелираат до земјоделците максимално да се штеди водата и бесцелно да не тече по нивите.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
