Бизнис
17. January 2022 - 16:37

Се уште не се знае колку ќе чини справувањето со кризата за парно

Се уште не се знае колку државата ќе ја чин кризната состојба  на пазарот со топлинска енергија, која новата Влада и официјално треба да ја прогласи. Познато е само дека со 6 милиони евра од буџет ќе се помогнат БЕГ и Скопје Север да ги покријат високите трошоци за гас, а домаќинствата да не се соочат со нов ценовен шок. Не се знае ниту кога точно ЕСМ ќе го преземе управувањето со БЕГ.

-Постапката е во тек и кога ќе се донесе одлуката за прогласување на Кризна состојба, ќе се прецизира точно кога државната ЕСМ ќе го преземе управувањето со Балкан Енерџи и колку вкупно ќе чини кризата со топлинска енергија, велат од Владата.

Засега е познато дека ЕСМ за управувањето со Балкан Енерџи, редовно ќе доставува извештај до Владата. Додека се прогласи пак кризна состојба ТЕТО ќе испорачува гас до БЕГ на одложено плаќање.

Минатата недела пак се донесе и одлука ТЕТО да работи 7 дена во неделата и тоа од 5 наутро до 1 часот по полноќ. До тогаш и домаќинствата ќе имаат парно греење. Вишокот на струја, пак, што ќе го произведе ТЕТО, на ЕСМ ќе и се продава по 170 евра за мегават- цена која е пониска од онаа на берзите.

Со ваквиот план од Владата уверуваат дека скопјани до крајот на грејната сезона нема да имаа повеќе проблеми, а од БЕГ тврдат дека до крајот на годинава нема  да има ново поскапување на парното.

Проблемите на снабдувачите со топлинска енергија  почнаа со растот на  цената на гасот која се зголеми за три пати. Поради ваквите скокови од една страна, а од друга зголемувањето на цената на парното за 14 проценти, побараа државата финансиски да ги помогне. Очекувањата се дека цената на гасот би почнала да се стабилизира на средината на годинава, но до тогаш месеците ќе бидат тешки.