Се шири истрагата за пожарот во „Пулс“
Сопругата и ќерката на газдата на кочанскиот клуб Пулс од вчера се во полициска станица во Скопје. Како што дознава Сител од нив се одземени 5 телефони и документација важна за истрагата. Неофицијално, тие се сомничат дека ја подигнале фалсификуваната лиценца од Министерството за економија.
Од МВР потврдуваат дека преземаат серија мерки но не откриваат детали.
„Извршени се претреси на пет локациии во Кочани и Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија.“ – велат од МВР.
Слично соопштение испрати и Обвинтиелството.
„Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица“ – се вели во нивното соопштение.
Како што дознава Сител, полицијата од утрово врши претреси во друг објект сопственост на газдата на клубот Пулс, а се врши претрес и во просториите на Државниот пазарен инспекторат во Кочани.
За пожарот во Пулс официјално досега 34 лица се во притвор.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар