Македонија
6. February 2021 - 13:49

Се поставува модуларната ковид-болница во Кочани

Во кругот на Општа болница со проширена дејност во Кочани денеска почна поставувањето на монтажните модули за потребите на регионалната ковид-болница.

Монтажната болница е алтернативен ковид-центар за осум општини од источниот регион и ќе има капацитет од 30 легла, од кои пет на одделот за интензивна нега, а останатите за хоспитализација на пациентите.

-Регионалниот ковид-центар во нашата болница ќе располага со приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабораторија, опремени болнички соби и помошни простории за персоналот и пациентите. Во текот на овој месец модулите ќе се поврзуваат на електричната, водоводната и канализациската мрежа, а внатре ќе се инсталира потребната медицинска и друга опрема. Очекуваме на почетокот на март модуларната болница да биде ставена во функција. Медицинскиот персонал, кој досега работеше во ковид-центарот во склоп на интерното одделение, ќе биде ангажиран во новите простории, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница со проширена дејност – Кочани.

Претходно, Општина Кочани самоиницијативно ја презеде обврската од сопствениот буџет да ја финансира изградбата на бетонската платформа и да ги обезбеди потребните приклучни елементи за струја, вода и канализација.

Модуларната ковид-болница во Кочани е дел од проектот на Министерството за здравство за поставување 16 вакви објекти во целата држава.