Македонија
11. February 2022 - 12:27

Се полни акумулацијата Стрежево

Изминатата година беше една од најсушните години, а состојбата беше загрижувачка за акумулацијата Стрежево. Но, јануарските и февруарските врнежи снег, поволно влијаеја врз акумулацијата, па затоа од ЈП Стрежево се надеваат дека годинава нема да има проблем со полнењето вода на езерото.

-Во моментот имаме акумулирани околу 50 милиони метри кубни вода, но со оглед дека најголемите дотоци на вода се очекуваат во месеците март, април и мај кога се топи снегот на Пелистер и кога од сливното подрачје на Пелистер во нашиот собирен канал доаѓаат најголеми количини на вода, јас се надевам дека водокорисниците ќе имаат максимално вода за нивните потреби. Тоа значи дека водокорисниците во делот на наводнувањето, РЕК Битола, индустријата но и граѓаните во општините Битола, Могила и Новаци ќе имаат вода за своите потреби“, рече МЕНДЕ ГРАМАТКОВСКИ, ДИРЕКТОР НА ЈП СТРЕЖЕВО.

Тој дополнува дека се соочуваат со проблеми при наплатата.

-И ние се соочуваме со проблеми при наплатата, има земјоделци но и други водокорисници коишто ненавреме ги регулираат обврските према Стрежево. Со нив склучуваме договори доколку не се во можност да ја платат наеднаш сумата на неколку рати се со цел да не дојдиме до тужење и извршни решенија. Јас се надевам дека совесните водокорисници навреме ќе си ги платат обврските према за да можеме и ние да функционираме, а и тие да не бидат изложени на дополнителни трошоци“, рече Граматковски.

Инаку најголеми водокорисници се земјоделците, како индивидуалните така и приватните субјекти, РЕК Битола и други помали индустриски капацитети, а вода Стрежево испорачува и за потребите на ЈП Водовод.